Новини

Царинската Управа со најсовремен систем за видео мониторинг

Сподели Tweet

Информираме дека, Царинската управа на Република Македонија и СЕКТРОН ООД од Софија, по спроведена постапка за јавна набавка потпишаа Договор за имплементација на централизиран систем за видео надзор со распознавање на регистарски таблички. Целокупното решение, се состои од систем за видео надзор и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички, и е базирано на IP комуникација, производство од реномираните светски компании во областа на видео надзорот – SANYO – Јапонија и Dedicated Micros – Англија.

Системот за видео надзор е составен од 44 високобрзински куполни камери со приближување (зум) од 576 пати, 51 фиксна камера со широк динамички опсег и 132 камери со висока резолуција за препознавање на регистарски таблички со невидливо за човековото око инфра-црвено осветлување. Преку веќе постоечката компјутерска мрежа на Царинската управа на Република Македонија ќе се набљудуваат во специјално опремена централна команда, од каде што ќе се има увид во живо над сите 22 гранични премини и 18 внатрешни испостави. Од централната команда ќе може да се контролираат сите високобрзински куполни камери, да се набљудуваат камери во живо, да се прегледува снимка и да се менаџираат аларми од сите локации истовремено на пет 42” LCD монитори и осум 19” LCD монитори. Во централната команда ќе работат високо стручни обучени оператори 24 часа на ден, 365 дена во годината.

Системот за автоматско препознавање на регистарски таблички ќе биде поставен на сите гранични премини и внатрешни испостави и со негова помош ќе може во секое време да се има увид во тоа кои возила во колку часот и на кој граничен премин влегле, односно излегле од државата, а за товарните возила и во кој терминал престојувале. Сите податоци од камерите за автоматско распознавање на регистарски таблички ќе се чуваат на централен сервер во Царинската управа на Република Македонија, заедно со фотографија од возилото и ќе се архивираат за понатамошни потреби на царинската управа.

Имплементацијата на овој систем само ја потврдува цврстата заложба на Царинската управа на Република Македонија за бескомпромисна борба со шверцот и организираниот криминал, како и целта за приближување на Република Македонија кон евроатлантските структури.