Новини

Презентација на централизираниот систем за видео надзор

picture
Сподели Tweet

Ве информираме дека денеска на 19ти септември (петок) 2008 година, со почеток во 12 часот во просториите на Царинската управа се одржа промоција и презентација на воспоставениот централизиран систем за видео надзор.

На настанот покрај Директорот на Царинска управа, Г-динот Ванчо Каргов, присуствуваа и Министерката за внатрешни работи, Г-ѓа Гордана Јанкуловска како и други високи претставници при Министерството за внатрешни работи.

Имено, целокупното решение се состои од систем за видео надзор и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички и е базиран на IP комуникација, производство од реномираните светски компании во областа на видео надзорот – SANYO – Јапонија и Dedicated Micros – Англија.

Системот за видео надзор е составен од вкупно 240 камери, од кои 44 високобрзински куполни камери со приближување (зум) од 576 пати, 51 фиксна камера со широк динамички опсег и 132 камери со висока резолуција за препознавање на регистарски таблички со невидливо за човековото око инфра-црвено осветлување. Преку веќе постоечката компјутерска мрежа на Царинската управа на Република Македонија ќе се набљудуваат во специјално опремена централна команда, од каде што ќе се има увид во живо над сите 22 гранични премини и 18 внатрешни испостави.

На централно ниво над целиот систем контролата и надзорот ќе се вршат од центарот за видео надзор кој е дел од Одделението за координација и комуникација. Од центарот за видео надзор ќе може да се контролираат сите високобрзински куполни камери, да се набљудуваат камери во живо, да се прегледува снимка и да се менаџираат аларми од сите локации истовремено на пет 42” LCD монитори и осум 19” LCD монитори. Во централната команда ќе работат високо стручни обучени оператори 24 часа на ден, 365 дена во годината.

Надзорот е поделен во 3 подсистеми. Првиот подсистем служи како примарен систем за надзор и преку него ќе се врши глобален и детален надзор над царинските испостави. Целта на вториот подсистем е да служи како секундарен систем за надзор, каде што ќе се врши детален надзор над царинските испостави. Третиот подсистем ќе служи како секундарен систем за надзор, каде што ќе се врши детален надзор над царинските испостави, а истиот подсистем може да се користи и за други потреби на царинсата управа.

Предноста на системот е неограничената можност за надоградба и проширување на системот со додавање кон мониторингот на дополнителни испостави и дополнителен број на камери без дополнителни трошоци за централниот мониторинг.

Отвореноста на системот дозволува делење на информации со други институции, примарно со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Предвидено е да има размена на видео сигналите од камерите и податоците од системот за автоматско препознавање на регистарски таблички.

Мотивите за имплементацијата на еден ваков софистициран систем се повеќе наменски. Очекуваните придобивки од користењето на ваков систем на Царинската управа се големи во поглед на намалување и спречување на корупцијата, контрола на професионалното однесување на царинските службеници, превентивно делување во борбата против организираниот криминал, спречување на шверц и криумчарење на стоки.

Системот за автоматско препознавање на регистарски таблички кој е предвиден во втората етапа од имплементацијата на системот, ќе биде поставен на сите гранични премини и внатрешни испостави и со негова помош ќе може во секое време да се има увид во тоа кои возила во колку часот и на кој граничен премин влегле, односно излегле од државата, а за товарните возила и во кој терминал престојувале. Сите податоци од камерите за автоматско распознавање на регистарски таблички ќе се чуваат на централен сервер во Царинската управа на Република Македонија, заедно со фотографија од возилото и ќе се архивираат за понатамошни потреби на Царинската управа.

Имплементацијата на овој систем само ја потврдува стратешката определба на Владата на Република Македонија и цврстата заложба на Царинската управа на Република Македонија за бескомпромисна борба со шверцот и организираниот криминал, како и целта за приближување на Република Македонија кон евроатлантските структури.